ХЕЦ Зрновци

ХЕЦ Зрновци е мала хидроцентрала на Зрновска Река во општината Зрновци и е една од првите хидроцентрали во Македонија. Пуштена е во погон од 1950 година.

Главната зафатна градба на ХЕЦ Зрновци е лоцирана на Зрновска Река на 3,4 km низводно од машинската зграда. Дополнително има уште еден зафат Кукушница, кој се наоѓа на 3,5 km низводно од машинската зграда. Главниот зафат има капацитет од 900 l/s и ширина и висина на преливниот праг од 8 m и 2,6 m соодветно. Зафатот Кукушница има капацитет од 100 l/s и ширина и висина на преливниот праг 5 m и 1 m соодветно. Зафатот на Зрновска река е страничен со вертикална груба решетка а зафатот Кукушница е тиролски. Дел од водата по зафатите се насочува кон таложникот, а дел кон коритото на реката. По таложникот на кој има фина решетка, водата се насочува кон доводниот тунел со должина од околу 3,5 km до водната комора. Од водната комора до машинската зграда водата се пренесува преку челичен цевковод со должина од 360 m.

Машинската зграда е лоцирана југоисточно од населеното место Зрновци. Во неа се наоѓаат две Пелтон турбини со хоризонтална оска и номинален проток од 0,6 m3/s.  Двете турбини придвижуваат два синхрони генератори со статичка возбуда и вкупна номинална инсталирана моќност од 1,6 MW. Излезниот напон од генераторите изнесува 6,3 kV. Има два суви трансформатори 6,3/35 kV и еден 35/10 kV од каде што преку 35 и 10 kV далновод се пренесува до Кочани и до Зрновци соодветно.

По извршувањето на работата низ турбинското коло, водата се испушта директно во Зрновска Река. Управувањето и насочувањето на електричната енергија се врши во разводната постројка, која се наоѓа во машинската зграда.

Просечно годишното производство на електрична енергија изнесува 4,5 GWh.

Нето пад 220 m
Проток 2x0.6 m3/s
Тип на турбина Пелтон турбина со хоризонтална оска
Тип на генератор Синхрон генератор со статичка возбуда
Инсталирана моќност 1.6 MW
Коефициент на ефикасност >90%
Просечно годишно производство 4.5 GWh

Реката и речното корито на Зрновска Река претставува богатство од непроценлива вредност за општината, со висок процент на кислород О2 во водите на реката (14 mg/l) и богат животински свет. Во неа постојат исклучи­тел­но ретки попула­ции на видот Diploneis petersenii, односно Зрновска Река претставува прв локалитет во Македонија на кој досега е регистриран овој вид, кој е распространет главно во северните региони на Европа (Исланд, Финска, Норвешка) и на високите планински масиви (Алпи и Пиринеи) и претставува индикатор за чиста животна средина.

Значајно е да се спомне и постоењето на ендемската речна пастрмка Salmo macedonicus и речниот рак Astacus astacus, кои ги има во горниот тек на Зрновска Река. Македонската пастрмка е автохтон и ендемски вид риба, карактеристичен за студените  планински  потоци  и  реки  со  чиста,  бистра  вода, богата  со  кислород. Освен погоре споменатите, во водите на Зрновска Река се идентификувани повеќе видови риби прикажани во процентуална застапеност на видовите и густина на популациите на мерниот профил во Зрновци: Gobio bulgaricus – кркушка (19%), Barbus balcanicus – црна мрена (7%), Pachychilon macedonicum – мергур (22%), Squalius vardarensis – клен (7%), Pseudorasbora parva – амурче (4%), Sabanejewia balcanica – балканска штипалка (1%), Oxynoemacheilus burechi – вретенушка (1%), Alburnoides bipunctatus – вардарка (30%) и Barbatula barbatula – вретенушка (9%) која има „санитарна“ функција во екосистемите во кои живее, во смисла подобрување на квалитетот на водата преку консумирање на органскиот отпад како нејзина храна.

Линкови

ЕВН Македонија Електрани ДООЕЛ Скопје
ул. 11 Октомври бр. 9
Скопје 1000 Македонија
тел. +389 (0)2 3205 000