ХЕЦ Матка

Хидроцентралата Матка се наоѓа на реката Треска, на излезот од клисурата, во близина на селото Матка, кое е на 14 km оддалеченост од Скопје. Кањонот Матка, каде што спаѓа и ХЕЦ Матка, со одлука на Градското собрание во 1994 година е прогласен за заштитено подрачје во категорија „Споменик на природата“.

Во триесеттите години на минатиот век, на излезот од кањонот Матка е изградено вештачко езеро на реката Треска, со бетонска брана, за производство на електрична енергија. Градежните работи на браната започнале во 1935 година, а хидроцентралата започнала со работа во 1938 година со инсталиран капацитет од 4,2 MW. Во 2008 година е направена реконструкција на доводниот тунел и е изградена комплетно нова хидроцентрала. Со изградбата на нова машинска зграда, лоцирана во непосредна близина, старата машинска зграда престана со функција, по што во 2016 година е пренаменета во едукативно-изложбен центар.

Зафатната градба на оваа хидроцентрала е лоцирана низводно од централата и изградена со преградување на коритото на реката Треска и создавање акумулација. На неа постои бетонска брана со висина од 29 m во облик на лак, која ја сочинуваат 10 прстени независни еден од друг. Браната е изградена од армирана бетонска конструкција со ниво на круната од 317,50 m. Вишокот вода се прелева странично преку браната. Во близина на зафатот се наоѓа и кула, во која е сместен таблест затворач над доводниот тунел, со кој се насочува водата кон доводниот тунел и кон грубата и фината решетка. Преку доводниот тунел водата се транспортира до водната комора и понатаму со два цевковода се транспортира до машинската зграда.

Зафатот е изведен странично во вид на кула со отвор во долниот дел, на кој се поставени груба и фина решетка, а по нив е поставен таблест затворач со кој водата се насочува кон доводниот тунел. Преку доводниот тунел водата се транспортира до два паралелни цевководи преку кои се доведува до машинската зграда, а на крај од тунелот поставена е водната комора.

Машинската зграда е лоцирана на просторот помеѓу излезниот дел на преливниот тунел и темелниот испуст и старата машинска зграда. Во машинската зграда се вградени две вертикални „Каплан“ спирални турбини со по 21 m3/s, кои придвижуваат два синхрони генератори со инсталирана моќност од по 4,9 MW. Излезниот напон од 6,3 kV се трансформира со блок-трансформатори 6,3/35 kV со инсталирана моќност од 6300 kVA во сува изведба. Преку 35 kV разводна постројка енергијата се пласира на 2 изводи, кон Скопје и кон Козјак. Одводната вада за испуштање на водата во реката Треска е странично поставена на машинската зграда, над постојното дно на коритото. За пречистување на отпадните комунални води, кои се создаваат во хидроцентралата пред да се испуштат во реката Треска, постои пречистителната станица лоцирана во дворот на ХЕЦ Матка.

Просечното годишно производство на Матка е 30 GWh.

Нето пад 24 m
Проток 2x21 m3/s
Тип на турбина Каплан турбина со вертикална оска
Тип на генератор Синхрон генератор со статичка возбуда
Инсталирана моќност 9.6 MW
Коефициент на ефикасност >90%
Просечно годишно производство 30 GWh

Акумулацијата „Матка“ е најстарото вештачко езеро во Македонија. Од езерото водата се користи за добивање електрична енергија, но и за наводнување на околните села. Во ова езеро се наоѓа и подводната пештера Врело, една од најдлабоките пештери во Европа, со длабочина повеќе од 203 метри. Освен пештерата Врело, во кањонот на Матка се откриени и уште десетина пештери, од кои повеќето се наоѓаат на стрмна падина северно од Висок Рид односно при крајот на акумулацијата.

Подрачјето на кањонот Матка каде што е изградена ХЕЦ Матка претставува подрачје со високо ниво на биолошка разновидност, хетерогеност и ендемизам. Вкупниот број видови од фауната регистрирани на територијата на заштитеното подрачје кањон Матка достигнува 1474, што претставува релативно високо ниво на разновидност на видови. Исто така е утврдено присуство на 58 ендемски видови безрбетници, од кои 13 видови се балкански ендемити, 26 видови се национални ендемити и 19 видови се локални ендемити. 

Во водите на реката Треска е утврдено присуство на 13 автохтони видови риби. Кркушка, тенкоопашеста кркушка, црна мрена, бела мрена, вардарски скобуст, вардарски клен, попадика, златна штипалка се балкански ендемити, додека видовите македонска пастрмка и вретенарка се национални ендемити. Исто така, констатирано е присуство на 32 вида водоземци и влечуги.

Линкови

ЕВН Македонија Електрани ДООЕЛ Скопје
ул. 11 Октомври бр. 9
Скопје 1000 Македонија
тел. +389 (0)2 3205 000