ХЕЦ Турија

Хидроелектричната централа Турија е лоцирана на околу 8 km од општината Василево, во близина на населеното место Доброшинци, во југоисточниот дел на Република Македонија.

Браната на реката Турија е изградена во периодот од 1968-1971 година, а пуштена е во експлоатација во 1973 година, додека ХЕЦ Турија e изградена во периодот од 1984-1985 година.

Примарната намена на хидроакумулацијата Турија е: снабдување со вода за пиење на жителите на градот Струмица; снабдување со вода на индустријата и наводнување на дел од Струмичкото Поле со површина од 10.050 ha. За поефикасно искористување на водата од акумулацијата, таа се употребува и за производство на електрична енергија.

Браната „Турија“ спаѓа во типот на камено-земјени брани, со централно глинено јадро. Заезерениот дел зафаќа површина од 0,16 km2. Со акумулацијата Турија со бруто запремнина од 50.350.000 m3 се овозможува повеќегодишно израмнување на билансот на водите на реката Турија. За потребите на хидроцентралата, водата се зафаќа во челичниот цевковод кон машинската зграда.

Во машинската зграда се инсталирани две Францисови турбини со хоризонтална оска, кои придвижуваат два синхрони генератори со статичка возбуда и вкупна инсталирана моќност 2 MW. Електричната енергија влегува во систем преку 2 блок-трансформатори 0,4/10 kV, кои се наоѓаат веднаш до хидроцентралата.

Во просек годишно се произведуваат од 500.000 до 1.200.000 kWh.

Нето пад 57 m
Проток 2x2.5 m3/s
Тип на турбина Францис турбина со хоризонтална оска
Тип на генератор Синхрон генератор со статичка возбуда
Инсталирана моќност 2 MW
Коефициент на ефикасност 80%
Просечно годишно производство 1.2 GWh

Eзерото Турија е најголемото вештачко езеро во Југоисточниот Регион. Максималната кота е на 391.0 m н.в. со вкупен волумен на акумулацијата од 50.35 милиони m3 вода и корисен волумен од 47.85 милиони m3 вода. Акумулацијата опфаќа површина од 180 ha, со максимална длабочина од 54 m. Ова подрачје е под влијание на субмедитеранската клима од Егејското Море, со поголемо или помало вкрстосување со континентална клима, со долги топли лета и високи среднодневни температури, намалено годишно количество врнежи и со намалена зимска температура. Во езерото живеат повеќе видови риби, меѓу кои крап, сом, црвеноперка, плашица, костреш, клен, мрена, карас, сончарка. Не постојат специфични видови флора и фауна во и околу езерото кои се ендемски видови.

Линкови

ЕВН Македонија Електрани ДООЕЛ Скопје
ул. 11 Октомври бр. 9
Скопје 1000 Македонија
тел. +389 (0)2 3205 000