ХЕЦ Дошница

Хидроелектричната централа (ХЕЦ) Дошница е лоцирана на реката Дошница во општината Демир Капија, во јужниот дел на Република Македонија. Пуштена е во работа во 1952 година.

Зафатната градба на ХЕЦ Дошница претставува тиролски зафат ѕидан од камен, кој се наоѓа на 9.5 km низводно до машинската зграда. Има капацитет од  2,1 m3/s.  Ширината и висината на преливниот праг изнесуваат 11 m и 3.25 m соодветно. Водите на реката Дошница се зафаќаат директно на речното корито. Од зафатната градба водата оди во таложникот, а оттаму се насочува кон доводниот канал, кој има должина од 4400 m и дијаметар од 1600 mm. До водната комора водата продолжува преку доводен тунел со должина од 3400 m.  Водната комора има пречник од 7 метри и е длабока 10 метри, а водата во неа се одржува автоматски, во просек од 75% од капацитетот на тунелот. Од водната комора до машинската зграда водата се пренесува преку челичен цевковод, кој има должина од 530 m. Доводниот цевковод пред влезот на машинската зграда се разгранува на 3 дела, за секоја од трите турбини.

Машинската зграда е лоцирана јужно од населеното место Демир Капија. Во машинската просторија се поставени три Пелтон турбини со хоризонтална оска со номинален проток од 0,8 m3/s и секоја од нив е поврзана на синхрон генератор со статичка возбуда и вкупна инсталирана моќност од 5,1 MW. Под зградата се наоѓа одводниот канал преку кој водата што поминала низ турбините се испушта дел во рибникот „Дошница“, а дел во речното корито. Од генераторите произведената електрична енергија се пренесува до три маслени трансформатори 6,3/35 kV и како таква се пренесува преку два 35 kV далноводи до трафостаниците во Демир Капија и во Неготино.

Севкупното производство на електрична енергија и управување во ХЕЦ Дошница е автоматизирано. Просечното годишно производство на електрична енергија изнесува 18 GWh.

Нето пад 232.7 m
Проток 3x0.80 m3/s
Тип на турбина Пелтон турбина со хоризонтална оска
Тип на генератор Синхрон генератор со статичка возбуда
Инсталирана моќност 5.1 MW
Коефициент на ефикасност 89%
Просечно годишно производство 18 GWh

Реката Дошница, која е десна притока на реката Бошава, извира од падините на планината Кожуф на 1820 метри надморска височина, на изворот Момина Чука и е со должина од 38,5 km. Има вкупен пад од 1.750 m и просечен пад од 45,5‰. Сливот на реката Дошница зафаќа површина од 193,4 km². Речиси низ целиот свој пат, таа се пробива низ клисура со кањонски изглед.

Демиркаписката  клисура  е  заштитена  област (од 1960 година)  во категорија – природен споменик (III категорија согласно со IUCN) и е од  особена  важност  од  гледна  точка  на  биодиверзитетот.  Во реката Дошница, која е притока на реката Вардар, со должина од 18 км се застапени следните видови риба: поточна пастрмка, клен и мрена - кркуш. Клисурата Демир Капија е еден од најбогатите орнитолошки резервати во Европа по застапеност на ретки грабливи птици, разни  видови   цицачи,  влекачи  и  инсекти. Исто така се среќаваат и ретки и  ендемски видови растенија.

Линкови

ЕВН Македонија Електрани ДООЕЛ Скопје
ул. 11 Октомври бр. 9
Скопје 1000 Македонија
тел. +389 (0)2 3205 000