ХЕЦ Сапунчица

ХЕЦ Сапунчица е лоцирана во подножјето на Националниот парк Пелистер, во селото Дихово.

За производство на електрична енергија, ХЕЦ Сапунчица ги користи водите на неколку помали водотеци и на реката Сапунчица, која е десна притока на реката Драгор и спаѓа во сливот на Црна Река.

Хидроцентралата Сапунчица е пуштена во работа во 1952 година.

Водите на реката Сапунчица и помалите планински реки Лак Поток и Стара Бука се зафаќаат со три зафатни градби: Лак Поток, Стара Бука и Брана. Главниот зафат е лоциран на 6,5 km спротивно од течението на реката до машинската зграда и тоа е страничен зафат со груба вертикална решетка. Капацитетот на зафатот е 940 l/s, додека ширината и висината на преливниот праг се 9,8 m и 2,1 m соодветно. На оддалеченост од околу 300 m од главниот зафат се наоѓа зафатот Стара Бука, каде што се прифаќаат и водите од зафатот Лак Поток. Од зафатот водите се зафаќаат во доводен канал, кој е долг околу 5 km до резервоарот за вода, кој има собирна моќ од 2000 m3. Од оваа комора до машинската зграда водата се транспортира со цевковод со должина од 1750 m, а висинската разлика помеѓу резервоарот и хидроцентрала е 435 m.

Машинската зграда на хидроцентралата е лоцирана источно од селото Дихово. Под зградата се наоѓаат два базена со зафатнина околу 7 m3, во кои се собира водата по искористување од турбините. Во машинската просторија се наоѓаат две Пелтон турбини со хоризонтална оска, номинален проток од 2x0.45 m3/s и номинална брзина од 1000 vr/min. Тие придвижуваат два трифазни синхрони генератори со статичка возбуда и номинална моќност од 2x1,6 MW. Од генераторите произведената електрична енергија се пренесува до блок-трансформаторите 6/35 kV од каде што преку 35 kV собирници дел се дистрибуира преку 35 kV далновод до Битола, а дел се пренесува на уште еден трансформатор 35/10 kV, а оттаму преку 10 kV далновод и трафостаници 10/0.4 kV се пренесува до крајните потрошувачи. 

Просечното годишно производство на електрична енергија изнесува 11,5 GWh. Севкупното производство на електрична енергија и управување во ХЕЦ Сапунчица е автоматизирано и се управува далечински или локално од командната соба.

Нето пад 412 m
Проток 2x0.45 m3/s
Тип на турбина Пелтон турбина со хоризонтална оска
Тип на генератор Синхрон генератор со статичка возбуда
Инсталирана моќност 2.9 MW
Коефициент на ефикасност 88%
Просечно годишно производство 11.5 GWh

Во изворишните води на Пелистер (од каде што извира водотекот Лак Поток), на надморска висина од 1600 до 2200 m, живее разновиден животински свет. Од рибите, значајно е да се истакне присуството на пелистерската ендемична поточна пастрмка и пелагониската поточна пастрмка. Се среќаваат и два пелистерски ендемо-реликтни остракодни ракчиња (Iliodromus peristericus).

Националниот парк Пелистер и неговото опкружување се значајни и по фаунистичката разнообразност. Од крупните цицачи, посебно внимание заслужуваат: мечката, срната, рисот, волкот, дивокозата, обичниот елен, дивата свиња, верверицата и дивата мачка. Херпетофауната (влекачи и водоземци) на Пелистер исто така е разновидна. Се среќава отровницата - шарка (Vipera berus), но и две неотровни змии - планинскиот смок (Elaphe longissima). Меѓу шесте вида гуштери што се среќаваат на Пелистер, ќе го издвоиме планинскиот гуштер (Lacerta agilis), кој многу често можеме да го сретнеме на високопланинските ливади на Пелистер. Околу локациите на зафатот Брана на реката Сапунчица, зафатот Стара Бука и резервоарот за вода, најзастапени се орловата папрат (Pteridium aquilinum), Carpinus orientalis, бреза (Betula verucosa), топола (Populus), капина (Rubus) и др.

Линкови

ЕВН Македонија Електрани ДООЕЛ Скопје
ул. Лазар Личеноски 11
Скопје 1000 Северна Македонија
тел. +389 (0)2 3205 000