ЧПП

1. Што претставува фотоволтаичен систем?
Фотоволтаичен систем претставува електроенергетски систем дизајниран за искористување на соларната(сончевата) енергија со помош фотоволтаици. Системот се состои од неколку компоненти, кои вклучуваат соларни панели кои служат за абсорбција и конверзија на сончевата светлина во електрична енергија, соларен инвертер кој врши претворање на директната во наизменична струја, како и други харверски компоненти кои ги прават системот функционален.

2. Што е тоа kWp?
kWp – киловат пик (peak) претставува максимална инсталирана моќност што може да ја постигне еден панел односно фотоволтаичен систем. Поради тоа што фотоволтаиците произведуваат енергија од сонцето кое е обновлив извор на енергија, моќноста во зависност од јачината на изворот на енергија варира.

3. Кои се придобивките од поставувањето на фотоволтаичен (фотонапонски) систем во мојот дом или бизнис?
Со фотоволтаичните системи, сопствениците на домови или комерцијални објекти можат да произведуваат електрична енергија од сончевата светлина за сопствени потреби, енергија која вообичаено се добива преку дистрибутивниот систем за електрична енергија.
Со поставување на фотоволтаични системи, корисниците заштедуваат средства за електрична енергија и ја намалуваат емисијата на штетни гасови и загадувањето на околината.

4. Кои услови треба да се исполнат за да се постави фотоволтаичен систем во мојот дом или бизнис?
Согласно новиот закон за енергетика домаќинствата и бизнисите имаат право да постават фотоволтаични системи за сопствена потрошувачка.
Условите за поставување на еден ваков систем се дефинирани со повеќе закони и подзаконски акти, но најважно е да поседувате локација или објект за која располагате со соодветна документација (имотен лист, други документи за сопственост, документ за долготрајно право на користење (закуп) и сл.). Сите останати документи, како основниот и изведбениот проект, дозволите за градба и сл., се дел од нашето решение ‘клуч на рака’.
Пожелно е локациите и/или објектите, каде би сакале да поставиме фотоволтаичен систем, да се ориентирани кон југ и да немаат попречување од соседен објект кој би предизвикал засенување на планираната површина на фотоволтаичниот систем, а со цел максимално исползување на ефектите од истиот.
Доколку се поставуваат на земјена површина, истата треба да има соодветна намена за поставување на фотоволтаична централа односно за индустриска употреба (не е можно да се користи земјоделско земјиште);

5. Како да аплицирам за услугата на ЕВН за фотоволтаици?
Со поднесување на барање во Инфо центарот на ЕВН во ГТЦ Скопје, преку телефон во нашиот контакт центар на 089 089 089, или на маил адресата gosolar@evn.mk. Во барањето, корисникот треба да ги наведе основните карактеристики на објектот/локацијата (точната локација на местото/објектот), членови во семејството (доколку се работи за домаќинство), достапна површина на покрив/локација, број на корисник на електрична енергија кој соодветствува со сопственоста на домот/парцелата. Со цел попрецизно дефинирање на решението, на барањето може да се прикачат и фотографии од локацијата/објектот.

6. Во што се состои услугата на ЕВН?
ЕВН на корисниците на фотоволтаични системи им нуди решение „клуч на рака“. Со тоа, корисникот ќе биде поддржан при креирањето на најдоброто решение, кое опфаќа:
  • Обезбедување на целокупната потребна правна документација за поставување на опремата од соодветните институции, согласно Законот за градба.
  • Управување со целисниот проект и известување за напредокот на истиот;
  • Проектирање на фотоволтаичниот систем и планирање на изведбата во согласност со релевантните локални и меѓународни стандарди и локални регулативи;
  • Набавка на опремата и материјалот, инсталација, каблирање, модули, инвертери, систем за следење и контрола;
  • Планирање и имплементација на монтажни системи, вклучувајќи дизајн според статичките барања и потреби;
  • Мерење, тестирање и пуштање во работа на фотоволтаичниот систем;
  • Прирачници и документација за одржување на системот;
  • Можност за склучување на договор за редовно одржување и сервисирање на фотоволтаичниот систем
7. Колку би можел да очекувам дека ќе произведува фотоволтаичниот систем на мојот објект?
Во летниот период систем со моќност од 3kWp произведува околу 12-19 kWh дневно, во период помеѓу 6 часот наутро и 19 часот навечер. Пресметано, со 1 панел дневно се произведува од 1-1,5 kWh.
Грубите пресметки кажуваат дека со еден ваков систем годишно би се произвеле околу 4.000 kWh.
Колку би чинела инсталација на фотоволтаичен систем на кровот на едно домаќинство?
А на бизнис?
Секое решение е индивидуално и изработено според специфичните потреби на корисникот. Според тоа цената по инсталиран kWp не е однапред определена.

8. Колкава површина ми е потребна за инсталација на фотоволтаичен систем?
1kWp инсталирана моќност најчесто е формиран од 4 фотоволтаични панели. За таа цел Ви се потребни околу 7м2 површина. Значи, за систем од 3kWp потребни Ви се 21м2, додека за 100kWp потребна е околу 700м2 расположлива површина.

9. Дали панелите се од еден одреден производител или во зависност на потребите се менуваат материјалите?
Панелите кои се одбираат за инсталација кај корисниците се согласно потребите на корисникот и ги следат трендовите кај најновите технологии во овој домен.
На кои делови на мојот објект/имот е вознможно да се инсталира фотоволтаичен систем?
  • на кровната конструкција
  • на земјена површина
10. За колку време би можел да очекувам да добијам готово решение?
Во зависност од специфичните потреби на корисниците, нашите тимови експерти развиваат персонализирани решенија.
Токму затоа времето за секој корисник е различно, но доколку поднесете целосно барање за услугата, првичната калкулација ќе ја добиете во рок од најдоцна три работни дена. Доколку понудата ги пресретнува Вашите очекувања, ќе не контактирате со цел потпишување на Договор, по што ќе се пристапи кон изработка на детален проект.

11. Која е опцијата за финансирање на ова решение за фотоволтаичен систем со помош на ЕКО кредитот кој ЕВН го дава во соработка со Шпаркасе банка?
ЕВН Македонија и Шпаркасе Банка Македонија постигнаа договор за соработка, преку кој ЕКО кредитот на Шпаркасе Банка Македонија ќе може да се користи за финансирање на фотоволтаичните системи што ги нуди ЕВН Македонија. Преку овој ЕКО кредит корисниците имаат можност за добивање грант од 15% од вкупната вредност на фотоволтаичните системи на ЕВН. Аплицирањето за ЕКО кредитот се врши директно во експозитурите на Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје. Пред да се обратите во експозитурите на Шпаркасе, потребно е да добиете Понуда за поставување на фотоволтаични системи од страна на ЕВН, која служи како основ за добивање на наменскиот ЕКО кредит од Шпаркасе банка.
Доколку сте заинтересирани за искористување на ЕКО кредитот и сакате да аплицирате, обратете се во најблиската експозитура на Шпаркасе банка или преку нивниот Контакт центар на 02/3 200-600.

12. Дали инсталацијата на фотоволтаичен систем подразбира промена на моето броило?
Да, неопходно е броилото на корисникот да се промени од еднонасочно во двонасочно кое ќе го мери текот на енергија кон и од дистрибутивната мрежа.
Промената на броилото е опфатена со процесот за Приклучување на дистрибуиран производител кој се поднесува до Oператорот на дистрибутивниот систем.
За поставување на двонасочно броило, корисникот ги сноси само трошоците за: инсталација на броило и издавање на нова соодветна документација. Самото броило се доделува на корисникот без надомест, а останува во сопственост на Операторот на дистрибутивниот систем.

13. Дали ЕВН врши откуп на вишокот енергија која ќе се пласира во дистрибутивната мрежа?
Согласно важечките законски и подзаконски акти, откупот на вишокот на енергија е возможен само за правните лица кои поседуваат лиценца за производство на електрична енергија издадена од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија. Откупот на вишокот на енергија во иднина ќе биде возможен и од т.н. потрошувач-производител, домаќинство и/или правно лице, а ќе биде регулиран со Правилникот за обновливи извори на енергија кој се очекува да стапи во сила во наредниот период.

14. За колку време се враќа инвестицијата?
Во зависност од типот на решенијата како и останатите надворешни фактори кои влијаат на ефикасноста на системот, и од оптимизацијата на потрошувачката на електричната енергија на самиот објект.
Висината на заштедата и рокот на повратот на инвестицијата е од најмалку 5 години па нагоре.

15. Дали има гаранција системот?
Да, гаранцијата на системот се пренесува според поединечните гаранции на производителите на фотоволтаичните панели, инвертерот и останатите составни делови, и се движи од 3 до 10 години.

Доколку овие информации не се доволни, за сите дополнителни информации, обратете се на gosolar@evn.mk, насловувајќи го Вашиот маил како: Дополнителни информации.
 

Линкови

ЕВН Македонија Електрани ДООЕЛ Скопје
ул. 11 Октомври бр. 9
Скопје 1000 Македонија
тел. +389 (0)2 3205 000